Српската министерка се пишмани и се извини за изјавата за „етничко чистење на Косово“

Српска министерка се извини по контроверзната изјава за „етничко чистење на Косово“

 

Министерката за државна управа и локална самоуправа на Србија, Снежана Пауновиќ, јавно му се извини на претседателот Александар Вучиќ, на Владата на Србија и на премиерот Ѓуро Мацут, откако нејзината изјава за „етничко чистење на Косово“ предизвика силни реакции во Србија и во регионот.

 

Пауновиќ тврди дека нејзините зборови биле извадени од контекст и дека од интервјуто биле издвоени само седум секунди, кои, според неа, биле претворени во политичка тема. Сепак, во интервјуто емитувано на „Курир ТВ“ јасно се слуша како ја изговара спорната изјава.

 

„Тоа беше моја лична приказна, а не политичка изјава. Непријатно ми е што морам да објаснувам дека тоа не е политика на претседателот ниту на Владата“, изјави таа во интервју за „Информер ТВ“.

 

Министерката им се заблагодари на сите што ѝ дале поддршка по критиките, особено на Социјалистичката партија на Србија (СПС), чиј член е, но воедно ги обвини опозицијата и дел од српските медиуми дека го искористиле случајот за политички цели.

 

Таа како „парадокс“ ја оцени и одлуката на Косово да ја прогласи за персона нон грата, наведувајќи дека забраната за влез ја донеле, како што рече, „привремените институции на Косово“. Додаде дека веќе четири години не може да влезе на Косово.

 

Пред неколку дена, во гостување на „Курир ТВ“, Пауновиќ изјави дека доколку била на местото на поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ во 1998 година, би го „етнички исчистила Косово“. Подоцна појасни дека мислела на отстранување на оние кои „не се чувствувале дел од Сојузна Република Југославија“, додека лицата кои би избрале „терористички дејствија“ би биле третирани како терористи.

 

Нејзината изјава беше остро осудена од организации на граѓанското општество и од дел од опозицијата во Србија, кои побараа нејзина итна оставка или разрешување од функцијата.