Почина едногодишно дете во градинка, вработените славеле роденден на директорката
(Фото -илустрација)
Трагедија во градинка: Почина едногодишно дете од задушување, вработените наводно славеле роденден на директорката
Едногодишно момче трагично го загуби животот во градинка во бразилскиот град Сао Паоло, откако неговата глава се заглавила помеѓу огледало и метална заштитна шипка, додека, според тврдењата на семејството, вработените не го надгледувале бидејќи славеле роденден на директорката.
Малечкиот Абдулаје Диенг се задушил откако останал заглавен во просторијата за игра. Според првичните информации, детето околу шест минути безуспешно се обидувало да се ослободи, сè додека вработените не забележале што се случило.
Инцидентот се случил на 22 јули околу 9:20 часот. Детето веднаш било пренесено во Ургентниот центар во населбата Моока, но лекарите можеле само да констатираат смрт.
Таткото на момчето, Ибрахима Диенг, го оставил својот син во градинката само два часа пред трагедијата. Подоцна добил телефонски повик од вработените, кои му соопштиле дека детето се чувствува лошо и дека го носат во болница.
Адвокатот на семејството изјави дека родителите првично верувале дека нивниот син навреме добива медицинска помош, но подоцна дознале за околностите под кои се случила несреќата.
Семејството тврди дека децата биле оставени без надзор затоа што дел од персоналот присуствувал на прослава по повод роденденот на директорката. Случајот е предмет на истрага, а надлежните органи испитуваат дали ќе бидат покренати обвиненија за смрт предизвикана од небрежност.
Полицијата веќе сослушала петмина вработени во градинката, меѓу кои директорката, координаторка, воспитувачка, педагог и уште еден член на персоналот, со цел да се утврдат сите околности што довеле до трагичниот настан.