Драма во воздух: Пукна прозорец на авион за Дубровник, летот итно пренасочен кон Виена
Драма во воздух: Пукна прозорец на авион за Дубровник, летот итно пренасочен кон Виена
Вистинска драма се одвивала утрово на летот на авиокомпанијата „Норвеџијан Ер Шатл“ (Norwegian Air Shuttle) од Осло кон Дубровник, откако за време на летот пукнал еден од прозорците на авионот, поради што екипажот донел одлука за итно пренасочување и слетување во Виена.
Летот DY1922 полетал од Осло во 6:45 часот, а според распоредот требало да пристигне на аеродромот „Руѓер Бошковиќ“ во Дубровник околу 9:40 часот. Сепак, по оштетувањето на прозорецот, пилотите, од безбедносни причини, го пренасочиле авионот кон меѓународниот аеродром во австриската престолнина.
Авионот безбедно слетал во Виена, без информации за повредени патници или членови на екипажот. Станува збор за авион „Боинг 737-800“, стар помалку од 12 години.
Според неофицијалните информации, авиокомпанијата треба да обезбеди заменски авион кој во текот на попладневните часови ќе ги превезе патниците од Виена до нивната крајна дестинација – Дубровник.
Засега не е познато што точно го предизвикало оштетувањето на прозорецот, а се очекува случајот да биде предмет на техничка проверка и истрага.