Драма што не се памети: Упаднале во куќа, претепале цело семејство, се обиделе да киднапираат жена, а потоа нападнале и полицајци
Драма во Струмичко: Упаднале во куќа, претепале цело семејство, се обиделе да киднапираат жена, а потоа нападнале и полицајци
Вистинска драма се случила во струмичко, каде шест лица од селото Просениково се соочуваат со кривични пријави поради сериозен насилен инцидент во кој биле нападнати членови на едно семејство, а подоцна биле нападнати и полициски службеници кои интервенирале на местото на настанот.
Според СВР Струмица, кривични пријави се поднесени против Б.Д. (22), Т.Ј. (49), С.Д. (47), В.М. (36), Г.Т. (42) и М.Т. (21), сите од селото Просениково. На дел од осомничените, покрај насилството, им се ставаат на товар и дополнителни кривични дела поврзани со истиот настан.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил на 24 јули околу 21:20 часот, кога осомничените насилно влегле во домот на К.Ѓ. во село Сарај, Струмичко.
Во куќата физички биле нападнати К.Ѓ., З.Ѓ., Р.Ѓ., В.Ѓ., Б.М., Б.Ѓ. и две малолетни лица, при што сите се здобиле со телесни повреди.
Дополнително, според полициските информации, Т.Ј. и Г.Т. се обиделе против нејзина волја да ја одведат Р.Ѓ., поради што против нив е поднесена кривична пријава и за делото „Противправно лишување од слобода“.
Ситуацијата дополнително ескалирала по пристигнувањето на полициските службеници. Според МВР, Б.Д. агресивно се однесувал кон полицијата и физички нападнал двајца полициски службеници, поради што се товари и за напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.
Осомничените биле лишени од слобода и задржани во Полициската станица Струмица, а за случајот бил известен јавен обвинител. Истрагата продолжува со цел целосно да се утврдат сите околности на настанот.
За време на инцидентот, сопственикот на куќата К.Ѓ. излегол на терасата и со ловечка пушка испукал два предупредувачки истрела во воздух. По целосното документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Надлежните институции продолжуваат со истрагата за сериозниот инцидент, во кој се опфатени повеќе лица и се сомневаат за извршување на повеќе кривични дела.