Аларм за туристите: Силно невреме денеска се очекува во Грција, издадено црвено предупредување
Аларм за туристите: Силно невреме денеска се очекува во Халкидики и Солун, издадено црвено предупредување
Грчката национална метеоролошка служба (EMY) издаде црвено предупредување поради нагло влошување на временските услови, кои ќе ја зафатат земјата во периодот од 23 до 25 јули. По неколкудневниот екстремен топлотен бран, се очекуваат силни грмежи, поројни дождови, засилен ветер и локална појава на град.
Според прогнозите, најкритична ќе биде состојбата денеска, кога нестабилното време ќе ги зафати Халкидики и Солун – омилени дестинации на голем број туристи од Македонија.
Метеоролозите предупредуваат на обилни врнежи и силни налети на ветер, кои можат да предизвикаат проблеми во сообраќајот, како и опасни услови долж крајбрежјето и на плажите.
Надлежните служби апелираат до граѓаните и туристите да бидат особено внимателни. Доколку забележат темни облаци, грмежи или други знаци на невреме, се препорачува веднаш да ги напуштат плажите и морето.
Возачите се советуваат да избегнуваат патување за време на најсилните врнежи поради намалената видливост и можноста од поплавени коловози.
Воедно, се препорачува редовно следење на официјалните временски прогнози и почитување на упатствата на локалните власти.
Иако невремето нема истовремено да ги зафати сите делови на Грција, најголем ризик се очекува во северниот дел на земјата, па се препорачува зголемена претпазливост за сите кои патуваат или престојуваат во Халкидики, Солун и околните региони.