Најмалку 24 загинати во тешка автобуска несреќа, меѓу жртвите 22 ученици.Трагедија во Уганда
Трагедија во Уганда: Најмалку 24 загинати во тешка автобуска несреќа, меѓу жртвите 22 ученици
Најмалку 24 лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа со училишен автобус во Уганда, откако уште тројца ученици им подлегнаа на повредите додека се лекувале во болница, соопшти полицијата.
Автобусот, кој припаѓал на училиштето „King David Junior“, се враќал кон главниот град Кампала по училишна екскурзија до водопадите Сипи, во источниот дел на земјата, кога во четвртокот излетал од патот и се превртел.
Во несреќата животот го загубиле вкупно 22 ученици и две возрасни лица, додека десетици други биле повредени.
Портпаролот на сообраќајната полиција, Мајкл Кананура, изјави дека уште 23 повредени се на лекување во болницата во Капчорва.
„Сите ученици кои преживеаја и не им беше потребна хоспитализација безбедно се пренесени во Кампала со автобус на компанијата ‘Gateway’“, изјави Кананура.
Според првичните резултати од истрагата, возачот ја изгубил контролата над автобусот, кој излетал од патот и се превртел откако удрил во голем камен.
Надлежните служби продолжуваат со истрагата за целосно да ги утврдат причините за оваа тешка трагедија.