СЕМЕЈСТВОТО НА ТОШЕ СО ИТЕН АПЕЛ: „НЕ НАСЕДНУВАЈТЕ НА МАНИПУЛАЦИИ СО НЕГОВОТО ИМЕ
СЕМЕЈСТВОТО НА ТОШЕ СО ИТЕН АПЕЛ: „НЕ НАСЕДНУВАЈТЕ НА МАНИПУЛАЦИИ СО НЕГОВОТО ИМЕ“
Семејството на македонската музичка легенда Тоше Проески вечерва се огласи со јавно соопштение, во кое ги повика неговите обожаватели да бидат внимателни и да не наседнуваат на настани што се претставуваат како официјални без нивна согласност.
Реакцијата следува откако на платформата „Ивентим Хрватска“ бил најавен концерт во Сплит под наслов „Toše Forever – Glazba Koja Živi“, односно „Тоше засекогаш – музика која живее“, за кој веќе биле пуштени во продажба и влезници.
Од семејството нагласуваат дека немаат никаква поврзаност со организацијата на настанот и дека не дале дозвола за користење на името, ликот и делото на Тоше Проески.
Во апелот се посочува дека јавноста не треба да поддржува манифестации кои се промовираат како официјални, а зад нив не стои семејството на пејачот.
„Не наседнувајте“, порачуваат од семејството, предупредувајќи дека станува збор за недозволено користење и злоупотреба на името на Тоше.
Тие ги повикаа организаторите и надлежните да постапат одговорно, а почитувачите на неговата музика внимателно да ги проверуваат информациите пред да купат влезници или да поддржат вакви настани.