Објавена фотографија од семејството чиј одмор во Грција заврши со незамислива трагедија – седумгодишното девојче и натаму се бори за живот
Објавена фотографија од семејството чиј одмор во Грција заврши со незамислива трагедија – седумгодишното девојче и натаму се бори за живот
Грчката јавност, но и цела Молдавија, тагуваат по страшната сообраќајна несреќа што се случи на Халкидики, во која загина тричлено семејство, додека единствениот преживеан – седумгодишното девојче – и натаму се наоѓа во критична состојба и се бори за живот.
Во јавноста е објавена и фотографија од семејството, која дополнително ја потресе јавноста. Во несреќата животот го загубија 35-годишниот татко, неговата 28-годишна сопруга и нивното шестмесечно бебе. Сите биле државјани на Молдавија и биле на летен одмор во Грција.
Според лекарите, седумгодишното девојче е хоспитализирано на Одделот за детска интензивна нега во болницата „Хипократ“ во Солун. Детето е интубирано и веќе поминало две итни операции. Има тешки повреди на главата, градниот кош, бутната коска, како и повеќе скршеници и повреди на лицето, рамениците и колената. Неговата здравствена состојба останува сериозна.
Трагедијата се случила на регионалниот пат Неа Муданија–Ситонија, во близина на Метаморфоси. Од засега неразјаснети причини, автомобилот со молдавски регистарски таблички, управуван од таткото, директно се судрил со цистерна што доаѓала од спротивниот правец. Ударот бил толку силен што пожарникарите морале со специјална опрема да ги извлекуваат патниците од целосно уништеното возило.
Мајката и шестмесечното бебе починале на местото на несреќата. Таткото бил извлечен жив, но со тешки повреди на главата. И покрај напорите на лекарите во болницата во Полигирос, тој им подлегнал на повредите неколку часа подоцна.
Во Молдавија трагедијата предизвика огромна тага. Општината Страшени ја нарече несреќата „неопислива трагедија“ и упати апел за финансиска помош за семејството. Роднините и пријателите собираат средства за транспорт на телата на загинатите во татковината, додека молдавската Амбасада во Атина е во постојан контакт со грчките власти и обезбедува конзуларна помош.
Во меѓувреме, 44-годишниот возач на цистерната, кој по несреќата беше приведен, е пуштен по налог на надлежниот обвинител. Алкотестот бил негативен, а истрагата на грчката полиција продолжува за да се утврдат точните причини за трагичната несреќа.