Ветен кредит преку социјални мрежи ја чинел речиси 50.000 денари – останала и без пари и без заем
Уште една измама поврзана со лажни понуди за кредити преку социјалните мрежи е пријавена во Македонија. Жена од неготинско останала без речиси 50.000 денари, откако поверувала дека ќе добие заем.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, 44-годишна жителка на селото Долни Дисан пријавила дека била измамена за вкупно 49.087 денари.
Како што наведува полицијата, таа преку социјална мрежа стапила во контакт со непознато лице кое ѝ понудило кредит. За да биде наводно одобрен заемот, од неа било побарано во повеќе наврати да уплаќа пари за различни административни трошоци и процедури.
По извршените уплати, кредитот никогаш не бил одобрен, а лицето со кое комуницирала престанало да биде достапно. Така, жената останала и без ветениот кредит и без уплатените средства.
Случајот е пријавен во Одделението за внатрешни работи Неготино, а полицијата презема мерки за расчистување на измамата. Воедно, од МВР апелираат граѓаните да бидат особено внимателни при аплицирање за кредити преку интернет и да не уплаќаат пари однапред на непроверени лица или компании.