Жената го намамила, мажот го ликвидирал – страшни детали за екзекуцијата на докторот од Железара
(Фото МВР)
ПРЕСВРТ ПО ДВЕ ГОДИНИ: Уапсени сопружници за бруталното убиство во Автокоманда – жената го намамила, мажот го избодел
По повеќе од две години истрага, полицијата ги уапси двајцата осомничени за свирепото убиство на Ацо Трповски, кое се случи во март 2024 година на паркинг во скопската населба Автокоманда.
Станува збор за М.В. (65) и неговата сопруга С.В. (59), двајцата од Скопје. Според информациите од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство, обезбедени се докази кои укажуваат дека М.В. е осомничен за убиството, додека неговата сопруга се товари дека помогнала во прикривањето на злосторството.
Според истрагата, на 21 март 2024 година, С.В. договорила средба со Ацо Трповски на паркинг во Автокоманда и влегла во неговото возило. Кратко потоа на местото пристигнал нејзиниот сопруг, кој, според сомневањата на обвинителството, го извлекол Трповски од автомобилот.
По кратка расправија, М.В. наводно извадил нож и му нанел девет убодни рани во пределот на градите и телото. Од здобиените повреди, Трповски починал на местото.
Истражителите наведуваат дека по убиството, сопружниците заедно го внеле телото во автомобилот, по што осомничениот го управувал возилото до паркингот кај Поликлиниката „Железара“, каде телото било префрлено на возачкото седиште за да се прикрие начинот на кој било извршено делото.
Според МВР, осомничената потоа со средство за чистење ги избришала трагите од крв и други докази во возилото, по што двајцата го напуштиле местото.
По обемна истрага и повеќе преземени истражни дејствија, полицијата поднесе кривична пријава против М.В. за кривично дело „убиство“, додека С.В. се сомничи за помагање по извршување на кривично дело.
Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд доставило предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Истрагата за случајот продолжува.