Незамислива трагедија: Четиригодишно девојче почина од струен удар во Италија

Трагедија во Италија: Четиригодишно девојче од БиХ почина од струен удар, се истражува дали виновна е електричната инсталација

 

Четиригодишно девојче од Босна и Херцеговина трагично го загуби животот по струен удар во семејна куќа во Италија, а италијанските власти отворија истрага за да ги утврдат причините за несреќата.

 

Трагедијата се случила на 19 јули во местото Мота де Конти, во покраината Верчели, каде девојчето престојувало кај своите баба и дедо. По несреќата било итно пренесено во болницата во Казале Монферато, но лекарите не успеале да му го спасат животот.

 

Според првичните информации од истрагата, постои сомнение дека детето се обидело да го вклучи светлото во една од просториите, при што доживеало струен удар. Истражителите проверуваат дали трагедијата била предизвикана од неисправна електрична инсталација, оштетени или неизолирани електрични жици.

 

По наредба на Обвинителството во Верчели е извршена обдукција. Италијанските медиуми објавија дека на прстот на девојчето е забележана повреда што може да укажува на контакт со електрична струја. Се испитува и дали во моментот на несреќата било босо, што би можело да има значење за текот на настанот.

 

Надлежните институции продолжуваат со детална проверка на електричната инсталација во куќата, а дел од објектот е обезбеден како дел од истрагата.

 

Соседите изјавиле дека семејството неодамна се преселило во ова место. Градоначалничката на Мота де Конти, Емануела Квирчи, изразила сочувство до семејството и истакнала дека целата локална заедница е со нив во овие тешки моменти.

 

Телото на девојчето ќе биде пренесено во Босна и Херцеговина, додека истрагата треба да утврди дали станува збор за трагична несреќа или имало пропусти што довеле до фаталниот исход.