Почина дете, уште четири од иста градинка завршија во болница. Трагедија во Италија
Трагедија во Италија: Почина дете, уште четири од иста градинка завршија во болница
Италија е потресена од трагедија откако едно мало дете почина, а уште четири деца од истата приватна градинка беа хоспитализирани со слични симптоми. Надлежните институции веќе започнаа истрага за да ја утврдат точната причина за случајот.
Детето од калабрискиот град Ѕунгри најпрво било примено во болницата во Вибо Валентија на 17 јули, а по влошување на здравствената состојба на 21 јули било префрлено во Катанцаро, каде што починало.
Во меѓувреме, уште четири деца кои посетувале иста приватна градинка во Тропеа биле примени во болница со слични симптоми. Тројца веќе се пуштени на домашно лекување, додека едно дете останува под лекарски надзор.
Според раководството на градинката, во изминатите денови гастроинтестинални симптоми имале уште десетина деца.
Обвинителството во Вибо Валентија отвори истрага по пријавата на родителите на починатото дете. Одземена е медицинската документација, а наредена е и обдукција која треба да ја утврди точната причина за смртта.
Директорката на градинката, Серена Мичели, изјави дека постои сомнеж оти случајот може да е поврзан со бактеријата Clostridium difficile, но нагласи дека засега станува збор само за претпоставка и дека официјална потврда сè уште нема. Според неа, можно е заразата да потекнува од дете кое претходно престојувало во болница, по што дошло до контаминација на просторот за пресоблекување.