УАПСЕН ДРЖАВЈАНИН НА МАКЕДОНИЈА: Со камион удрил во возач на Брза помош на автопат во Србија
УАПСЕН ДРЖАВЈАНИН НА МАКЕДОНИЈА: Со камион удрил во возач на Брза помош кој поправал дефект на автопат во Србија
Државјанин на Северна Македонија е уапсен во Србија откако со камион тешко повредил возач на возило на Итната медицинска помош на автопатот кај Грделица.
Според информациите од Полициската управа во Лесковац, на осомничениот му е одреден притвор во траење од 48 часа, а против него ќе биде поведена соодветна постапка.
Несреќата се случила во вторникот попладне, кога возило на Брзата помош од Врање, кое превезувало десетгодишно дете кон Универзитетскиот клинички центар во Ниш, застанало на лентата за принудно запирање поради дефект.
Возачот излегол од возилото за да го отстрани проблемот, но во тој момент камионот управуван од македонскиот државјанин удрил во вратата на амбулантното возило. Од силниот удар, возачот бил оттурнат и со главата паднал на асфалтот, при што се здобил со тешки телесни повреди.
Повредениот итно бил пренесен во Универзитетскиот клинички центар во Ниш, каде му била укажана лекарска помош.
И покрај несреќата, десетгодишното дете кое било пациент во возилото навреме било транспортирано до болница благодарение на лекарка која случајно минувала со својот приватен автомобил и веднаш понудила помош.
Српските власти продолжуваат со истрагата за утврдување на сите околности под кои се случила тешката сообраќајна несреќа.