Станарите тужеле дека кровот е небезбеден, а Судот пресудил во корист на изведувачот. Три дена после пресудата кровот се урнал

ЖИТЕЛИТЕ ПРЕДУПРЕДУВАЛЕ СО ГОДИНИ, НО НИКОЈ НЕ ГИ СЛУШАЛ: Кров се урна само три дена по судската пресуда, човек за малку избегнал трагедија

 

Силното невреме што вчера го зафати Скопје откри сериозни слабости кај дел од покривните конструкции на станбените згради. Еден од најсериозните инциденти се случил во населбата Карпош 3, каде што силниот ветер урнал голем дел од покривот на зграда на улицата „Радика“.

 

Според сведоштва на станари, тие со години предупредувале дека покривот не бил изведен според безбедносните стандарди и поради тоа воделе долготрајна судска постапка против изведувачот.

 

Само неколку дена пред инцидентот, судот донел правосилна пресуда во корист на изведувачот, оценувајќи дека покривот бил правилно изведен. Но, само три дена подоцна, силниот ветер урнал дел од конструкцијата.

 

Во несреќата е причинета голема материјална штета, а според очевидци, еден жител за влакно избегнал да биде погоден од паднатите делови од покривот. За среќа, нема повредени.

 

По инцидентот, повторно се отворија прашањата за квалитетот на градежните работи, надзорот при изведбата и одговорноста на институциите. Дел од граѓаните бараат темелна истрага за случајот, како и проверка на сите објекти кај кои постои сомнеж за небезбедно изведени покривни конструкции.