НОВ БРАН НЕВРЕМЕ НА БАЛКАНОТ: Предупредувања за торнада, силен град и разорни бури во четири земји
НОВ БРАН НЕВРЕМЕ НА БАЛКАНОТ: Предупредувања за торнада, силен град и разорни бури во четири земји
Југоисточна Европа повторно се соочува со опасно влошување на временските услови. Експертите од European Storm Forecast Experiment (ESTOFEX) издадоа предупредување од втор степен за делови од Бугарија, Романија, Грција и Турција, каде во следните 24 часа се очекуваат силни грмежливи бури, крупен град, интензивни врнежи и силен ветер.
Според прогнозите, најголем ризик од појава на торнада има во источните делови на Бугарија и Романија. Метеоролозите објаснуваат дека судирот на студен воздушен фронт со многу топол и влажен воздух над Балканот создава идеални услови за формирање на таканаречени суперќелиски бури, кои можат да предизвикаат разорен ветер, крупен град и торнада.
Опасноста се проширува и кон северна Грција и северозападна Турција, каде се очекуваат добро организирани грмежливи системи со обилни врнежи, силни налети на ветер и локално голем град.
Во меѓувреме, предупредување од прв степен е издадено и за делови од јужна Италија и источна Шпанија, каде се можни локални невремиња проследени со силен дожд и град.
Метеоролозите посочуваат дека нестабилната состојба е резултат на студениот фронт кој се движи кон Југоисточна Европа, додека жешкиот суптропски воздух сè уште доминира во регионот, создавајќи услови за развој на опасни временски појави.