ТРАГЕДИЈА: Седумгодишно девојче се удави во базен на луксузен хотел, пред очите на спасителите во Сончев Брег
ТРАГЕДИЈА: Седумгодишно девојче се удави во базен на луксузен хотел, пред очите на спасителите во Сончев Брег
Нова трагедија го потресе бугарското Црноморје, откако седумгодишно девојче се удави во базен на луксузен хотел во туристичкиот центар Сончев Брег.
Според бугарските медиуми, несреќата се случила вчера околу пладне во хотелскиот комплекс AluaSoul Sunny Beach, пред очите на десетици туристи и аниматори кои во тој момент организирале активности за децата.
Девојчето, кое било на одмор со своите родители и помалиот брат, е државјанка на Полска. Во моментот на несреќата нејзините родители се наоѓале покрај друг базен, додека таа отишла до соседниот базен, чија длабочина достигнува до 1,80 метри.
Според очевидци, детето одеднаш почнало да тоне. Први реагирале туристите, кои повикале помош и скокнале во водата за да го извлечат девојчето. За жал, и покрај нивната брза реакција, било предоцна да му се спаси животот.
По трагедијата се отворија сериозни прашања за безбедносните мерки во хотелот. Според информации објавени во бугарските медиуми, спасителот кој бил задолжен за базенот изјавил во полиција дека бил во близина, но „не видел ништо“.
Истражните органи ги одзеле снимките од безбедносните камери и ќе ги анализираат детално за да утврдат дали спасителот навистина бил на своето работно место и дали евентуално бил одвлечен од мобилен телефон во моментот на несреќата.
Од Окружното јавно обвинителство во Бургас потврдија дека е отворена истрага за случајот, но засега не соопштуваат повеќе детали додека трае прибирањето на доказите.