Денешното невреме ја зеде првата жртва. Регионот во хаос
ТРАГЕДИЈА ПО НЕВРЕМЕТО ВО КОСОВО: Загина маж, уште две лица се повредени
Силното невреме што денеска го зафати Косово однесе човечки живот. Во селото Пожеран, во општина Витина, 61-годишен маж трагично го загуби животот, додека уште две лица се здобија со полесни повреди.
Според информациите на косовската полиција, несреќата се случила околу 16:30 часот, кога мажот, поради влошените временски услови, се лизнал на балконот од својот дом и паднал, при што се здобил со тешки повреди на главата.
Повредениот итно бил пренесен со возило на Брзата помош во Општата болница во Гњилане, но лекарите констатирале дека пристигнал без знаци на живот.
По наредба на државен обвинител, телото е испратено во Институтот за судска медицина во Приштина, каде ќе биде извршена обдукција. Полицијата врши увид и ги утврдува сите околности поврзани со трагичниот настан.
Невремето предизвикало и други инциденти во Пожеран. Две лица се здобиле со полесни телесни повреди откако влезните порти од нивниот двор се урнале под влијание на силниот ветер и лошите временски услови. По укажаната медицинска помош во болницата во Гњилане, тие биле пуштени на домашно лекување.
Од Регионалната дирекција на полицијата во Гњилане апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни за време на невреме, да избегнуваат непотребни движења во ризичните подрачја и да ги почитуваат препораките на надлежните институции.