ТРАГЕДИЈА КАЈ БЛАЦЕ: Нови детали како беше откриен мерцедесот со три жртви во близина на границата

ТРАГЕДИЈА КАЈ БЛАЦЕ: Дрон го откри превртениот „мерцедес“, МВР го објави идентитетот на трите жртви

 

Голема трагедија ја потресе Македонија откако тројца патници го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа на патот кон граничниот премин Блаце. По повеќечасовна потрага, полицијата со помош на дрон и камерите од системот „Безбеден град“ го пронашла превртениот автомобил, а МВР ги објави и официјалните детали за несреќата.

 

Потрагата започнала откако во неделата попладне било пријавено исчезнување на три лица кои во саботата вечерта, околу 22:15 часот, заминале од Меѓународниот аеродром Скопје со „мерцедес“ со германски регистарски таблички. Откако било утврдено дека возилото не ја преминало државната граница на Блаце, полициските екипи започнале интензивно пребарување на трасата со употреба на дронови и видеонадзор.

 

Автомобилот бил лоциран околу 22:35 часот на затворен дел од автопатот Скопје – Блаце, кој сè уште е во изградба. Возилото излетало од патот и се превртело, а сите тројца патници починале на самото место поради тешките повреди.

 

Според официјалните информации од МВР, загинати се 64-годишниот У.Т. од Косово, кој живеел во Германија и управувал со возилото, 56-годишната Ф.Ш.Т. од Косово со живеалиште во Германија и 54-годишната Џ.К. од Турција, која исто така живеела во Германија.

 

Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош, а на местото на несреќата увид извршиле јавен обвинител и увидна екипа на СВР Скопје. По наредба на обвинителството, телата на починатите се предадени на обдукција, која треба да помогне во целосното утврдување на причините за трагичната несреќа.