Пронајдени мртви тројцата патници кои исчезнаа по заминувањето од скопскиот аеродром
Трагедија во Македонија: Пронајдени мртви тројцата патници кои исчезнаа по заминувањето од скопскиот аеродром
Трагично заврши потрагата по тројцата патници кои од саботата вечер се водеа како исчезнати, откако нивното возило беше пронајдено превртено во близина на границата меѓу Македонија и Косово.
Според информациите објавени од Алсат, станува збор за автомобил „мерцедес“ со германски регистарски таблички, во кој биле пронајдени телата на сите тројца исчезнати патници.
Жртви во несреќата се Ејуп Тернава, Џенет Тернава и Фатмире Шабани. Тие последен пат биле видени во саботата околу 22 часот, кога по пристигнувањето на Меѓународниот аеродром Скопје тргнале со автомобил кон Косово.
По нивното исчезнување била покрената потрага, а вечерва возилото било лоцирано излетано од патот и превртено во близина на граничниот појас.
Засега не е познато како дошло до несреќата и под кои околности автомобилот излетал од коловозот. На местото на трагедијата увид извршуваат надлежните служби, кои треба да ги утврдат точните причини за несреќата.
Повеќе информации се очекуваат по завршувањето на истрагата и официјалното соопштение од надлежните институции.