Сопственик на фирма за производство на медицински канабис во Македонија, y6иен во Албанија
ИСТРАГАТА ЗА УБИСТВОТО НА ЕДМОНД СУЛА СЕ ПРОШИРУВА И ВО МАКЕДОНИЈА: Се проверуваат информации за удел во компанија за медицински канабис
Повеќе од една недела по убиството на 50-годишниот Едмонд Сула, познат и како Али Сула, албанските истражни органи сè уште немаат осомничен, а истрагата е проширена и надвор од границите на Албанија.
Според информации од истрагата, албанската полиција проверува дали Сула бил акционер или сосопственик во лиценцирана компанија за производство на медицински канабис во Македонија. Во таа насока, до македонските институции е испратено официјално барање за информации поврзани со неговите деловни активности и евентуалната сопственичка структура на компанијата.
Истражителите се обидуваат да утврдат дали неговите деловни активности во Македонија можат да бидат поврзани со мотивот за ликвидацијата.
Едмонд Сула, кој се занимавал со купопродажба на недвижности, бил познат како конфликтна личност во својата средина. Според албанските медиуми, тој бил евидентиран од полицијата во 28 различни случаи, а во 2019 година бил уапсен поради сомнение дека му помогнал на сторителот на убиството на Индрит Челај да избега од местото на злосторството, како и поради непријавување на кривично дело.
Сула беше убиен во раните утрински часови на 12 јули, кога, според истрагата, бил застрелан со еден куршум во грбот додека влегувал во својот дом. Се сомнева дека напаѓачот пукал од оддалеченост од околу 50 метри, од поле кое се наоѓало спроти куќата.
Иако куќата на жртвата била обезбедена со видеонадзор, снимките досега не помогнале во идентификацијата на сторителот, бидејќи на нив не се гледа ниту напаѓачот, ниту неговото движење пред и по извршувањето на убиството.
Албанските власти продолжуваат со интензивната истрага во соработка со надлежните институции во Македонија, со цел целосно расветлување на случајот.