ТРАГЕДИЈА НА АВТОПАТОТ A1: 18-годишна девојка загина зад воланот – возела без возачка дозвола

ТРАГЕДИЈА НА АВТОПАТОТ ВО ХРВАТСКА: 18-годишна девојка загина зад воланот – возела без возачка дозвола

 

Осумнаесетгодишна девојка трагично го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа што се случила на автопатот А1 кај Јастребарско во Хрватска.

 

Според информациите од хрватската полиција, несреќата се случила околу 9 часот наутро на делницата меѓу Јастребарско и Доња Зденчина, во правец кон Загреб. Девојката управувала автомобил „БМВ“, иако немала положено возачки испит.

 

Првичната истрага покажала дека таа се движела по левата сообраќајна лента без да одржува безбедно растојание од возилото пред себе. Во обид да избегне судир, нагло свртела налево, при што со предниот дел од автомобилот удрила во задниот дел на „Опел Астра“ со унгарски регистарски таблички, управуван од 56-годишен унгарски државјанин.

 

Од силниот удар, автомобилот излетал надвор од коловозот, удрил во заштитна ограда и две дрвја, а потоа запрел на зелената површина покрај автопатот.

 

За жал, 18-годишната девојка починала на самото место. Нејзиното тело е пренесено во Заводот за судска медицина и криминалистика во Загреб, каде ќе биде извршена обдукција.

 

Поради увидот што го спроведувала полицијата, дел од автопатот А1 кон Загреб бил привремено затворен, а сообраќајот се одвивал отежнато. Истрагата за околностите под кои дошло до несреќата продолжува.