Автобус со деца се преврте при враќање од екскурзија. Голема трагедија во…
ТРАГЕДИЈА ВО УГАНДА: Загинаа најмалку 20 ученици, автобус со деца се преврте при враќање од екскурзија
Страшна сообраќајна несреќа ја потресе Уганда, откако најмалку 20 ученици и едно возрасно лице загинаа при превртување на автобус што превезувал деца од училишна екскурзија.
Несреќата се случила во четвртокот вечерта во областа Капчорва, во источниот дел на земјата. Покрај загинатите, десетици лица се повредени, меѓу нив и членови на училишниот персонал.
Според првичните информации од истрагата, возачот ја изгубил контролата врз автобусот поради механички дефект. Возилото излетало од патот, удрило во голем камен покрај коловозот, а потоа се превртело.
Во автобусот се превезувале ученици од основното училиште „Крал Давид“ во Ндеје, кои се враќале од студиска посета на познатите водопади Сипи. Трагедијата се случила околу 20 часот по локално време во селото Чекватииту, во областа Кавова.
Локалните власти и полицијата започнаа истрага за точните околности на несреќата, додека спасувачките екипи и медицинските служби веднаш интервенираа за да им помогнат на повредените.