Владата ќе дава до 240 илјади денари за млади до 29 год. Еве кој има право да аплицира
До 250.000 денари грант за секој нововработен млад до 29 години – во тек јавен повик за компаниите
Владата го спроведува новиот јавен повик од Оперативниот план за вработување 2026, преку кој микро, малите и средните претпријатија ќе можат да добијат неповратна финансиска поддршка за отворање нови работни места.
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ предвидува финансиска поддршка за вработување на вкупно 1.385 лица, со грантови во висина од 160.000 до 250.000 денари по работно место. Вкупниот буџет за оваа мерка изнесува 332,65 милиони денари, односно околу 5,4 милиони евра.
Највисок грант од 250.000 денари е предвиден за вработување на млади лица до 29 години. За вработување лица кои се корисници на гарантирана минимална помош, Роми, лица со попреченост, жени, долгорочно невработени и жени Ромки со средно или високо образование, работодавачите ќе можат да добијат 220.000 денари по лице. За невработени лица постари од 29 години, грантот изнесува 160.000 денари.
Според условите на јавниот повик, компаниите можат да добијат средства за вработување на најмногу пет лица, а мерката е наменета за проширување на постојните бизниси и отворање нови работни места.
Дополнително, за секое вработено лице повратник во државата, работодавачите ќе добијат уште 10 проценти од одобрениот износ, во зависност од категоријата во која припаѓа нововработеното лице.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека преку ваквите мерки се поттикнува вработувањето, се подобруваат условите за развој на домашните компании и се создаваат нови можности за професионален развој на граѓаните, со цел намалување на невработеноста и зајакнување на македонската економија.